Скопје – 7 јули 2019 година

СООПШТЕНИЕ ДО МЕДИУМИТЕ


Агенција за разузнавање: Демант на прес-конференцијата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ

Агенцијата за разузнавање е изненадена и изразува жалење што политичката партија ВМРО-ДПМНЕ избра на ваков начин да комуницира со национална институција задолжена да работи на одбраната и безбедноста на државата и за општото добро на граѓаните.

Целосно невистинити и дезинформации се исказите со коишто се обвинува директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу за судир на интереси поврзани со кадровски решенија во службата. Сите нови решенија за унапредување се засноваат на професионалните капацитети и постигнатите резултати на вработените во Агенцијата.

Ги информираме политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и јавноста дека во моментов не се случува никаква „политичка елиминација на целокупниот оперативен состав“. Агенцијата како посебен орган во државната управа не ја раководи партиски определено лице, туку искусен професионалец од редовите на Агенцијата со јасно определба да ги спроведе препораките на НАТО и ЕУ за заокружување на процесот на реформи во безбедносниот сектор.

Во врска со споменатото лице и наводите на ВМРО-ДПМНЕ, Агенцијата за разузнавање потенцира дека се работи за професионалец кој има 18-годишно искуство во безбедносно-разузнавачкиот сектор и е истакнат експерт во меѓународни рамки. Во однос на ставовите дека ова лице изнесувало „инсајдерски“ информации од Агенцијата, ја охрабруваме политичката партија ВМРО-ДПМНЕ да ги достави истите до надлежните државни институции.

Истовремено, посочуваме дека политичките субјекти во Република Северна Македонија, во своите дневни политички настапи треба да покажат одговорност, особено во овој период кога се враќа довербата на граѓаните во институциите согласно напредокот на интегративните процеси на нашата држава во НАТО и ЕУ.

Со цел да го зачува угледот на службата, Агенцијата за разузнавање ја повикува Државната комисија за спречување на корупција целосно да ги провери дезинформациите коишто подолг период се пласираат од извесни структури по социјалните медиуми, а денеска ВМРО-ДПМНЕ ги изнесе на прес-конференција.

Во однос на клеветите на лична основа изнесени кон директорот Еролд Муслиу и неговото семејство, тие ќе реагираат во приватно својство.