Надзор и контрола во работата на Агенцијата за Разузнавање


Надзор и контрола на работата на Агенцијата за разузнавање се спроведува од законодавната власт, извршната власт и од судската власт.
Со законот за Агенцијата за разузнавање утврден е надзорот на работата на Агенцијата. Собранието на Република Македонија врши надзор на работата на Агенцијата преку Комисија за надзор и контрола врз работата на Агенцијата за разузнавање и Управата за безбедност и контраразузнавање. Агенцијата доставува извештај за извршената работа најмалку еднаш годишно до Собранието на Република Македонија. Имено, директорот на Агенцијата за разузнавање доставува Годишен извештај за работата на Агенцијата за разузнавање до Комисијата во којшто се образложуваат сите области на делување на Агенцијата за разузнавање за претходната година.
Собранието на Република Македонија ги доставува заклучоците од извештајот на Комисијата, до претседателот на Република Македонија и до Владата на Република Македонија.
Подрачја каде се спроведува парламентарната контрола на работите во Агенцијата за разузнавање се:

  • законитост во извршувањето на работите,
  • ефикасност во извршувањето на работите,
  • рационалност во трошењето на буџетските средства за извршување на работите.

Претседателот на Република Македонија, Владата на Република Македонија, Министерството за финансии, судството, Народниот правобранител и јавноста остваруваат надзор и потполна или делумна контрола врз работата на Агенцијата за разузнавање. При извршувањето на разузнавачките работи, еден од клучните фактори на обезбедувањето на механизмите за следење е законитоста во работењето. Значаен механизам во овој контекст е Законот за внатрешна ревизија согласно кој во нашата институција функционира посебна организациска единица од јули 2005 година (Одделение за внатрешна ревизија,) хиерархиски непосредно потчинета на директорот на Агенцијата за разузнавање. Целта на оваа единица е да обезбеди независно и објективно оценување на раководството, а во функција на подобрување на работата и системите за внатрешна контрола.
Државниот завод за ревизија, согласно начелата за навремено и објективно информирање на надлежните државни органи и на јавноста за извршените ревизии на корисниците на јавни средства, врши контрола на работата на Агенцијата.
Со донесувањето на Законот за класифицирани информации, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации добива посебно значење во координацијата на контролните механизми. Во тој контекст, мошне значајна е улогата на овластеното лице не само во разузнавачко-безбедносните служби, туку пошироко и во останатите државни органи што работат со класифицирани информации.
Во прилог на контролната функција и законското извршување на професионалните задачи спаѓаат и интерни нормативни акти) што ги носи директорот на Агенцијата за разузнавање или Владата на Република Македонија на предлог на директорот на Агенцијата за разузнавање и со кои се уредуваат областите на функционирање на Агенцијата за разузнавање кои не се регулирани со законот или подзаконските акти.

  • Агенцијата за разузнавање има назначено службено лице за посредување со информации од јавен карактер согласно чл.8 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
  • Податоците за контакт со АР се објавени на веб-страницата на Комисијата за посредување со информации од јавен карактер (Сашо Иванов)